Драгана Левенска

Драгана Левенска

актерка (к.г.)

Драгана Левенска е родена во Скопје во 1985 година. Дипломирала актерска игра на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА, каде завршила и специјализација по актерска игра, а студирала и Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. По дипломирањето работела како демонстратор на ЕСРА, во класата на проф. Рубенс Муратовски. Професионалните почетоци ѝ се поврзани со Драмски театар Скопје, по што соработувала со Театар Комедија и со повеќе независни продукции и театри, а од 2014 година е член на актерскиот ансамбл на Македонскиот народен театар. Во текот на својата кариера остварила бројни улоги во дела од домашната и светската драматургија и соработувала со режисери меѓу кои Андриј Жолдак и Александар Морфов. Во 2019 година, по избор на кастинг, учествувала на мастер-клас во Белград со перформанс на „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, под менторство и режија на Мирјана Карановиќ. Меѓу нејзините позначајни театарски остварувања се Медеја во продукција на Велешкиот театар во соработка со Стоби и Мејбл во „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле во Драмски театар Скопје. Активно работи и на филм и телевизија, со улоги во сериите: „Преспав“, „Куќен притвор“, „Тин камп“ и „5+ Фамилија“, како и во филмовите „Искушение“ на Василка Аврамовска, реализиран во копродукција со London Film School, и „Мал дисконтинуитет во времепросторот“ на Гоце Цветановски, добитник на две меѓународни награди во 2014 година. Покрај актерската работа, се занимавала и со синхронизација и музичко-поетски проекти, меѓу кои концерт со членови на ансамблот на Македонската филхармонија, проследен со рецитал на современа македонска поезија. „Фрида“ е нејзиниот прв авторски театарски проект, во кој се појавува како авторка и актерка.

Претстојни претстави