Федра
Една жена, една забранета желба и свет во кој честа не простува. Кога страста ќе стане посилна од разумот, љубовта се претвора во престап, молкот во закана, а скриеното почнува да го руши целиот поредок.
Повеќе детали
За претставата
Според грчката митологија, Федра била критска принцеза, ќерка на Миној и Пасифаја, сестра на Аријадна, втора сопруга на Тезеј, мајка на Демофон и Акамант и маќеа на Хиполит. Боговите никогаш не биле милостиви кон неа. Родена под семејна клетва, фрлена во политички брак за туѓа полза, Федра е осудена засекогаш да биде запаметена заради грешната љубов кон нејзиниот посинок. Нејзината митска фигура е фатална и шокантна, па затоа и античките трагичари не биле милостиви кон неа. За нив, љубовта на Федра е толку незамислива, непримерна и ужасна уште на прво ниво, па заслужува да се раскаже исклучиво како дел од трагичната приказна за животот и смртта на Хиполит. Па дури и тогаш, оваа љубов не извира директно од срцето и бедрата на Федра, туку е клетва фрлена од каприциозната Афродита како посредна одмазда кон безбожниот Хиполит кој се дрзнал љубовта кон ловот и природата да му се помили од еротската љубов.
Дури во 17 век, Жан Расин, во една идеална неокласицистичка културна атмосфера, ќе ја стави Федра во центарот на трагедијата, како вистинска хероина, со вистински проблем. Овој пат, љубовта на Федра не е од боговите, туку нејзина, лична, одгледана скришно во темните и студени одаи на кралскиот замок. Еротскиот импулс се јавува од потреба за апсолутна љубов, како бунт против наметнатиот, контролиран и студен брак со Тезеј.
Во едно општествено уредување кое бара од разумот постојано да ја потиснува душата, Федра е шизофрено растргната помеѓу нејзината лична потреба и општо прифатениот морал. Конфликт на страст наспроти чест. Во неа истовремено тлее и страсна желба и силна потреба за морално искупување и каење заради таа желба. Трагедијата ќе се случи во моментот кога страста ќе стане толку доминантна и ќе го надвладее разумот.
Во оваа претстава Федра е пред сѐ жена – осамена, отуѓена, заробена од нејзината љубов и стегите на патријархатот.
Во оваа претстава нема богови, но има Бог, еден, христијански. И неговото влијание е патријархално.
Нема ниту античка фаталност, туку систем на забрани и телесна опресија. Вежбалната станува арена на трагедијата која се отплетува пред бесконечните рефлексии на огледала од кои ништо не останува скришно.
Нема митски фигури, само луѓе соочени со лични желби, потреби и страсти.
Александра Бошковска, драматург
Федра – Антропологија на една желба
Ѝ се навраќам на Федра затоа што ме интересира она место каде што на човекот му престанува моќта на разумот. Она што знаеме дека не смееме, она што се обидуваме да го потиснеме, она од кое бегаме, а сепак, нешто во нас, постојано нѐ враќа таму. Отсекогаш најмногу ме интересирал театар во кој човекот не може да се скрие самиот себеси.
„Федра“ од Расин и „Љубовта на Федра“ од Сара Кејн, за мене претставуваат две гледишта на иста човечка пукнатина. Ги делат векови, јазик, поетика и комплетно спротивставени односи кон светот, но, ги поврзува нешто многу подлабоко: и двете се обидуваат да стасаат до човек лишен од можноста да ја контролира својата желба.
Федра на Расин живее во свет на ред, закони, чест и вина. Нејзината желба е неприфатлива, бидејќи го загрозува уредувањето на кое му припаѓа. Токму таа напнатост меѓу она што човек мора да биде и она што всушност по себе е, ме доведе до овој диптих. Во „Љубовта на Федра“, Сара Кејн како да симнува слој по слој од сѐ што цивилизацијата изградила околу истата желба. Останува телото. Останува потребата да се биде покрај друг. Останува осаменоста. Кога ќе исчезнат зборовите со кои би можеле да ја оправдаме, останува љубовта.
Затоа не сакав овие две драми да ги поставам како средба на класика и современост. Повеќе ме интересира нивниот разговор. Што се случило со нас во тие неколку векови? Дали навистина сме послободни или само ги заменивме формите на забрана? Дали научивме да ги разбираме личните желби подобро, или најдовме пософистицирани начини да ги скриеме?
Во овој диптих се обидувам да спојам две времиња, но не за да ги смирам. Напротив, сакам да се судрат. Федра на Расин да проговори од простор во кој владее ред, а на Сара Кејн од простор во кој тој ред се распаѓа. Меѓу нив да се создаде напнатост во која би го препознале денешното време.
Оваа претстава, за мене, е претстава за желбата, но не за љубовта во романтична смисла. Тука, желбата е силата што нѐ разоткрива. Таа може да биде извор на слобода, но и почеток на нашето паѓање. Може да нѐ доближи до другите луѓе, но, може и потполно да нѐ изолира. Токму затоа, не ја доживувам Федра како хероина на античка трагедија, туку како наша современичка.
Тоа е можеби причината поради која денес, по толку години поминати во театар, ми се чинеше важно да ѝ се навратиме на оваа приказна. Театарот сѐ уште може да биде простор во кој не мора да имаме конечен одговор. Доволно е да се осмелиме да погледнеме во она од кое најчесто вртиме поглед.
Федра ме интересира токму поради тој поглед. Не поради митот. Не поради забраната. Туку поради човекот кој, соочен со сопствената желба, не знае веќе каде завршува слободата, а каде почнува амбисот.
Дино Мустафиќ, режисер
Актерска екипа
ФЕДРА – Јелена Жугиќ
ТЕЗЕЈ – Дејан Лилиќ
ХИПОЛИТ – Леонардо Лазов
АРИЦИЈА – Ивана Павлаковиќ
ЕНОНА – Нина Елзесер
ТЕРАМЕН – Златко Митрески
ИСМЕНА – Јована Спасиќ
ПАНОПА – Трајанка Илиева-Вељиќ
Креативна и техничка екипа
Режисер: Дино Мустафиќ
Драматург: Александра Бошковска
Асистент на режисерот: Димче Николовски
Сценограф: Драгутин Броз
Костимограф: Антонија Гугинска-Јорданоска
Автор на музиката: Влатко Стефановски
Избор на музиката: Дино Мустафиќ
Сценски движења: Филип Петковски
Фотограф: Драган Гајиќ
Инспициент: Гоце Бојчев
Суфлер: Жаклина Цветковска
Во претставата се користат и текстови од делата на: Јукио Мишима, Марина Цветаева, Карл Шмит, Лав Николаевич Толстој и Ерих Марија Ремарк.
Останати детали
Премиера: 19 септември 2026 г.
Сцена: голема сцена
Времетраење: 120 минути
Пауза: не
Претставата е наменета за публика над 18 години.








