Најголемите театарски ѕвезди од регионот гостуваат на фестивалот РУТА во Драмски

Драмски театар Скопје од 26 до 31 октомври ќе биде домаќин на петтото издание на меѓународниот театарскиот фестивал Рута.

На сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје во тек на фестивалската недела, македонската публика ќе има можност да проследи шест репрезентативни претстави на театрите од регионот. Во фестивалската програма ќе играат претстави и копродукции од сите членки на Регионалната унија на театри. Београдско драмско позориште од Србија, Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина. Од Хрватска гостуваат, Казалиште Улисис во копродукција со театарот САРТР од Сараево. Местно гледалишче Љубљана и Центар за култура од Тиват гостуваат со нивни продукции. Драмски театар Скопје, на 31 октомври ќе го затвори годинашното издание на РУТА со изведба на претставата „Љубовта на Федра“.

Годинашниот фестивал освен главната програма ја воведува и програмата МоноРУТА на која публиката ќе има можност да проследи четири извонредни монодрами од Србија, Хрватска, Црна Гора и монодрамата на Драмски театар Скопје „Џеки “ во изведба на Трајанка Илиева Вељиќ. Претставите од програмата МоноРУТА ќе се играат на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности со почеток во 17 часот.

Фестивалска новина се и одржувањето на три театарски работилници. На работилниците „Менаџмент во културата во националните, државни и градски театри“ предавачи ќе бидат Душко Љуштина, директор на театарот Улисис и Срѓан Обрадовиќ, извршен директор на Белградскиот драмски театар, додека работилницата „Актерска игра и сценски говор“ ќе ја води познатиот актер Озрен Грабариќ кој воедно е и професор на Академијата на драмски уметности во Загреб.

Од Драмски театар известуваат дека театарските работилници ќе се одржуваат во Драмски театар Скопје на 27, 28 и 29 октомври во 12 часот и отворени се за сите заинтересирани посетители. Исто така, по одржувањето на преставите секоја вечер за времетраење на фестивалот публиката ќе може да ги следи разговорите на тркалезните маси со актерите на претставите. Тркалезните маси и оваа година ќе ги модерира д-р Ана Стојаноска, професор на Факултетот за драмски уметности Скопје.

Од Драмски театар Скопје како домаќин на фестивалот Рута изразуваат задоволство што македонската публика го препознава квалитетот и можноста во Скопје да се гледаат најактуелните претстави од регионот. Продажбата на билетите е на билетарницата на Драмски секој ден од 13:00 до 21:00 часот и електронски на веб-страницата на театарот. За програмата на фестивалот можете да се информирате со клик овде.