Актерите на НУ Драмски театар Скопје со претставата „Мачкина глава“ освоија две награди на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, одлучи тричленото жири во состав: Снежана Коневски-Руси, претседател, и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ.
Награда за женска епизодна улога се доделува на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Марија и награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ се доделува на Александар Степанулески за улогата Симон.
Со праизведба на „Мачкина глава“ на 21 април годинава Драмски театар ја одбележа 80-годишнината на театарот. Претставата е работена по текст на Венко Андоновски. Режисер на претставата е Дејан Пројковски.

За текстот на „Мачкина глава“ Андоновски ја добил наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа во 2022 година. Режисерот Пројковски за претставата вели дека е работена како постмодерна базирана на два пола, традицијата и катарзата во која се преклопуваат личната среќа и љубовта, страсти, желби и соништа на „малиот човек“.
Во уметничкиот дел од тимот на претставата „Мачкина глава“, режисерот соработуваше со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, асистентка на костимографката е Марија Ѓоргиевска, а музиката во претставата ја компонираше Горан Трајкоски. Скулптор е Ангел Петровски, а фотограф Драган Гајиќ. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски.

Наградата за најдобра режија ја доби Дејан Пројковски за претставата „Црнила“ според Коле Чашуле во изведба на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Од 15 награди, тричленото жири на Фестивалот одлучи четири награди да не бидат доделени и тоа наградите: за рекламен материјал, за кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и адаптација и за современ драмски текст.
Жирито годинава ги додели следните награди на Фестивалот:
- Награда за музика „Филип Стевановски“ се доделува на Ирена Поповиќ-Драговиќ за музиката во претставата „Страв и надеж“ во изведба на НУ МНТ Скопје.
- Награда за костимографија се доделува на Марија Пупучевска за костимите во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
- Награда за сценографија се доделува на Валентин Светозарев за сценографијата во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
- Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ се доделува на Јеткин Сезеир за улогата Амадеус во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје.
- Награда за млада актерка се доделува на Сара Спиркоска за улогата Неда во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
- Награда за женска епизодна улога се доделува на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Марија во претставата „Мачкина глава“ во изведба на НУ Драмски театар Скопје.
- Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ се доделува на Александар Степанулески за улогата Симон во претставата „Мачкина глава“ во изведба на НУ Драмски театар Скопје
- Награда за главна женска улога се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата Констанца во претставата „Амадеус“ во изведба на НУ Турски театар Скопје.
- Награда за главна машка улога „Кирил Ристоски“ се доделува на Димитар Ѓорѓиевски за улогата Фезлиев во претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
- Награда за режија се доделува на Дејан Пројковски за режијата на претставата „Црнила“ во изведба на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
- Награда за уметничко остварување на претставата во целина се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „Страв и надеж“ според Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат.
Претседателката на жирито Снежана Коневски-Руси на прес-конференцијата по повод објавувањето на наградите на фестивалот рече: „За мене комплетна претстава е ‘Страв и надеж’. Сите актери се подеднакво вклучени во проектот заедно сосе музичарите. Едноставно видовме целокупна претстава. Како традиционалист, имам око и уво да видам што е тоа што ме допира и секој член од публиката и затоа го одделуваш од другите“, а членот Дарко Лукиќ додаде: „Гледавме на компактност на сите сегменти, изборот на текстот, односот на режијата кон елементите на претставата, употребата на сценографијата и костимографијата во контекст на претставата. Претставата на МНТ беше највпечатлива“.
На прашањето зошто не се доделени четирите награди, меѓу кои и за драмски текст, Дарко Лукиќ истакна дека: „смислата на фестивалот е да работи на промоцијата на македонската драма е таа култура и традиција. Сугерирам на театрите да се занимаваат со македонските автори многу повеќе“.
Коневски-Руси додаде дека со програмата „Драмолетање“, фестивалот веќе прави чекор напред за објавување драмски дела.
Наградите на лауреатите ќе им бидат врачени вечерва во 19 часот во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Во чест на наградените, вечерва ќе настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ.
Ана Стојаноска, уметничка директорка на фестивалот, рече дека: „Тоа е ексклузивна можност да ја видиме последната и особено актуелна претстава на Балканот периодов, токму од Дејан Дуковски, автор во фокус на фестивалот“ – потсети Стојаноска.

